Сите сопственици на возила до 12-ти февруари мора да имаат налепница НМК на регистрација. Досегашните ознаки на табличките МК можат да се користат само уште десетина дена, а потоа нема да може да се излезе надвор од државата со нив. Надлежните известија дека новите налепници можат да се променат во станиците за технички преглед, но оттаму велат дека налепници се уште немаат добиено, известува ТВ ТЕЛМА.
Телма контактираше со неколку станици за технички преглед и сите тие ни потврдија дека налепници со ознаката НМК немаат.
„Не знам што конкретно да ви одговорам. Надлежните од Министерството за внатрешни работи треба да објаснат зошто немаат доставено налепници во станиците за технички преглед. И ние ги очекуваме налепниците да стигнат секој момент, но не знаеме кога ќе биде тоа“, ни кажаа од една Станица за технички преглед во Скопје.
Од Министерство за внатрешни работи не одговорија конкретно кога налепниците ќе бидат достапни во техничките станици.
„Склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците. Истите, ќе бидат доставени до сите технички прегледи во цела држава, граѓаните ќе можат да ги набават од референтите за сообраќај каде што вршат регистрација. Налепница НМК треба да набават сите сопственици на возила чии регистарски ознаки немаат никаква ознака или имаат ознака МК“, соопштија од Министерство за внатрешни работи.
Промената на регистарските таблички на автомобилите со новата ознака НМК произлегува од Преспанскиот договор кој беше потпишан во 2018 година. Првично требаше да има целосно менување на табличките кое што ќе чинеше околу 60-тина евра, но по критиките од јавноста од МВР осмислија решение да има налепници врз постоечките таблици, а изготвен е предлог тие да бидат бесплатни за граѓаните на товар на МВР.