Во голема полициска акција спроведена од Министерствата за внатрешни работи на Сараевскиот и Тузланскиот кантон, со поддршка на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина, беше уапсен 39-годишниот М.Х., осомничен за тешка кражба на околу 50.000 евра.

Според информациите од истрагата, М.Х. на 19 април 2025 година, во близина на Железничката станица во Сараево, украл пари од двајца државјани на Црна Гора. Осомничениот, познат како склон кон насилство и криминал, ги измамил жртвите така што им ветил дека ќе им помогне со алтернативни методи на лекување.

Под изговор дека ќе ги реши нивните здравствени проблеми, тој ги намамил на средба во Сараево, каде што им ги одзел парите.

По налог на обвинителството, полицијата извршила претрес на возилото, куќата и другите објекти што ги користел осомничениот во Лукавац, каде што бил и уапсен. При претресот биле пронајдени 20.500 евра, дел од украдените пари, како и „Порше Кајен“ вредно 28.000 евра, за кое постои сомнение дека било купено со присвоените средства.

Возилото е запленето, а М.Х. е пренесен во притвор на Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон, каде што против него продолжува кривичната постапка.