Светиот старец Серафим, Саровскиот Чудотворец, се упокоил на 2 јануари 1833 г., коленичејќи на молитва пред иконата на Мајката Божја „Умиление“. На земјата поживеал 73 години. Речиси сите негови предмети им припаднале на Дивеевските сестри.
Веднаш по неговата смрт многу народ започнал да доаѓа на неговиот гроб. По 70 години од блаженото упокоение на Саровскиот Старец, отец Серафим бил прогласен за светител.
Во 1903 г. се откриени и неговите мошти. Било присутно и царското семејство Романови и неброено многу поклоници. Телото на свети Серафим не останало негнилежно, туку само коски. Тоа многумина збунувало, но не се моштите доказ за светоста, туку безбројните чуда што се случиле. Така определила Божјата промисла.
Тогашната власт во 1926 година ги сокрила моштите на Светителот. Тие се пронајдени во 1990 година, во подрумот на петроградскиот Музеј за религија и атеизам, а во 1991 година биле пренесени во Дивеевскиот манастир.
Се смета дека порачал:
Кога ќе ме нема, доаѓајте на мојот гроб! Кога имате време, дојдете, и колку почесто доаѓате, толку подобро. Што и да ви е во душата, што и да ви се случи, дојдете кај мене, но земете ја својата тага со себе и донесете ја на мојот гроб! Кажете ми се како да сум жив, и ќе ве слушнам, и сета ваша тага ќе си отиде и ќе помине! Како што секогаш зборувавте со мене додека бев жив, така и сега! За вас јас сум жив и ќе бидам засекогаш!
Исто така се смета дека според него, секој ден треба по три пати да се кажува молитвата „Оче наш“ и „Радувај се благодатна Марије“ и еднаш Символот на верата.
Тропар
Радувај се, роде човечки, ликувајте Небеса вишни, ете застапник пред Господа во литија поворка од Небото до земјата ни се дарува. Со застапништво на Радоста на сите радости се измоли благословот Божји, а и сите Негови угодници те приведоа тебе, Серафиме, молби и молитви пред Спасителот да испросиш за нас кои пееме: Христос воскресна, радост моја!