Врз грчкиот танкерот „Happy Lady“, закотвен на пристаништето во Камерун, бил извршен вооружен напад и киднапирани осум членови на екипажот, а еден од нив бил повреден, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштуваат од Министерството за поморство на Грција, инцидентот се случил рано утрово, киднапираните осум од 28 членови на екипажот се петмина Грци, двајца Филипинци и еден Украинец, а за време на инцидентот бил повреден еден од грчките државјани.
За нападот, веднаш било известено Министерството за надворешни работи на Грција, а министерот за поморство Јанис Плакиотакис дал наредба на надлежните служби во министерството, во соработка со МНР и компанијата во чија сопственост е танкерот, внимателно да го следат случајот.