Роеви оси нападнале неготинци, кои поради убодите во главата побарале лекарска помош, потврди д-р Ратко Грков, специјалист по семејна медицина.
Тој, за МИА, појасни дека станува збор за седум посебни случаи.
– Заедничко за сите нив е што убодите се од оси кои прават гнезда во земјата. Се работи за инсекти кои не напаѓаат освен во одбрана, ако се почувствуваат загрозени и испровоцирани, ако некој се обиде да им го загрози живеалиштето. Нападнатите се земјоделци кои береле грозје или корнеле трева пред гроздобер, извршувале одредени земјоделски работи. Кај сите нив убодите се во глава, ретко убод во тело. Според кажувањата на пациентите, осите откако почувствувале дека се загрозени, станале агресивни и ги нападнале, им се заплеткале во косите. Имале и до петнаесет убоди во главата од кои им се појавиле изразени отоци, појаснува докторот.
После убодите, сите лица кои настрадале биле со покачен крвен притисок. Останатите витални параметри им биле уредни. Само кај еден пациент имало посилна реакција, со огромен оток на главата и отежнато дишење, неможност да земе воздух. Сите примиле антиалергена и антихистаминска терапија за да нема дополнителни компликации.
– Апелираме до сите, особено до земјоделците, да внимаваат и да не ги чепкаат осилата во нивите и околината и да не ги затрупуваат со земја, да ги остават осите на мира и да не ги провоцираат, за да не бидат нападнат како во овие случаи кои ги имавме досега за краток период, нешто што не се случило досега, советува Грков.