Синоќешниот напад со автомобил-бомба во Кабул во близина на домот на авганистанскиот министер за одбрана, „заврши и сите напаѓачи се убиени“, изјави портпаролот на авганистанското Министерство за внатрешни работи, Мирвејс Станекзаи.
Силната експлозија во Кабул во близина на „Зелената зона“ била проследена и со силен вооружен судир.
Тројца цивили и сите тројца напаѓачи се убиени, соопштија официјалните лица.
-Уште најмалку седум лица се повредени, изјави портпаролот на Министерството за здравство Гулам Дастагир Назари.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи додаде дека операциите на безбедносните сили завршиле со смрт на сите напаѓачи.
Висок безбедносен претставник рече дека се чини дека експлозијата била предизвикана од автомобил -бомба и дека цел била домот на министерот за одбрана и придружната резиденција на член на параламентот.
САД вчера ги осудија експлозиите во Кабул, соопштувајќи дека тие ги носат сите белези на талибанските напади.
-Засега не можеме официјално да кажеме дека тие се одговорни, но нападите ги имаат сите белези на талибанските напади што ги видовме во последните недели, изјави портпаролот на американското Министерство за надворешни работи, Нед Прајс.
Доколку талибанците се обидат да ги загрозат мировните преговори во Доха „ќе станат меѓународни бегалци (…) и грижата на сите нас, една од главните многубројни грижи, е дека резултатот на тоа ќе биде граѓанска војна“, додаде Прајс.
Низ цел Авганистан се интензивирани судирите меѓу владините сили и талибанците, паралелно со повлекувањето на меѓународните сили предводени од САД.
Американскиот пратеник за Авганистан, Залмај Калилзад, вчера изјави дека талибанците и владата во Кабул се далеку од договор и дека талибанците бараат „лавовски удел“ во новата влада.