Непознато маскирано лице го нападнало советникот во Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Илиески, информираа општинските власти.
Нападот се случил во 7:40 часот пред трговскиот центар „Антико“ во Карпош 4, додека Илиевски одел на работа. Непознатиот напаѓач ненадејно го нападнал при што му задал неколку удари во лицето, од кои му нанел видливи повреди. Инцидентот бил забележан од граѓани кои притрчале на помош, по што напаѓачот избегал, информираат од Општина Карпош.
Оттаму појаснуваат дека Илиески во изминатиот период јавно изразувал несогласување со политиките и одлуките на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Поради неговите ставови, советникот во повеќе наврати се жалеше дека добивал сериозни закани по живот преку СМС пораки од непознати броеви, како и од страна на висок општински функционер во ВМРО-ДПМНЕ во разговор со неговиот татко. Од Илиески се барало да се откаже од советничката функција во Општина Карпош, а за возврат партијата би му ги исплати паушалите до крајот на советничкиот мандат. Доколку не го стори тоа му било порачано дека може да му се случат „лоши работи“. Сите овие закани веќе се пријавени во МВР. Александар Илиески, веднаш по инцидентот беше во полициска станица Карпош каде што даде изјава за физичкиот напад, наведено е во соопштението на Општина Карпош.