Брентон Тарант, 28-годишниот напаѓач кој е обвинет за убиството на 50 луѓе во масакрот во две џамии во Нов Зеланд, планира сам да се брани пред судот.

Адвокатот кој требаше да го застапува во саботата, рече за „Њу Зиланд хералд“ дека веќе не е правен бранител на Австралиецот.

Ричард Питерс изјави за весникот дека Тарант му рекол дека планира сам да се брани на суд. Според него, напаѓачот не изгледа дека е умствено нестабилен.

Тарант ќе се јави пред суд на 5 април. Тоа може да значи дека Тарант ќе го искористи процесот како место за израазување на своите погледи за супремација на белата раса. Исто такво нешто направи и норвешкиот терорист со ултрадесничарски убедувања, Андерш Брејвик кој уби 77 луѓе во 2011 година, нагласи весникот.

Сопственикот на продавницата за оружје „Ган сити“ во Красјтчрч, изјави за весникот дека осомничениот напаѓач купил четири оружја и муниција преку интернет. Тој додаде дека купувачот доставил заверен од полицијата документ со кој му се дава право да поседува оружје.

Владата на Нов Зеланд ќе има седница денеска на која ќе се преземат први чекори за промена на законите за поседување оружје.