Наречението на новоизбраниот архијереј Дебарско-кичевски, архимандритот Георгиј, ќе биде извршено на 12 јули, Петровден, во манастирот „Св. Климент Охридски и св. вмч. Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид со почеток во 17:00 часот, соопшти кабинетот на Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан.
Хиротонијата и востоличување на новиот митрополит Георгиј, ќе биде следниот ден, на 13 јули, на Божествена литургија во Катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, со почеток во 8:30 часот.
МПЦ-ОА ги повикува верниците да земат молитвено учество на, како што посочуваат, овие големи и бележити настани на нашата света црква.
Светиот архијерејски синод МПЦ-ОА, на својата редовна седница во полн состав, на 12 јуни годинава едногласно го избра архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, како налседник на блажено упокоениот митрополит Тимотеј.
Дебарско-кичевската епархија остана без прв човек откако минатата година во ноември по кусо боледување на 73 години почина тогашниот митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј. Отец Георгиј беше единствен кандидат за оваа висока црковна позиција, кој на празникот Педесетница доби ново унапредување во монашки чин – игумен на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Произведувањето го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Отец Георгиј, поранешниот декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај годинава, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.
Митрополитот Георгиј е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал во Рим, на Папскиот универзитет „Грегоријана“. Има богато академско и црковно искуство, вклучувајќи и дипломатска служба како амбасадор на Македонија при Светата Столица. Автор е на неколку книги и научни трудови, а активно учествува во преведувачки и издавачки проекти на Светото писмо.