Со профит од 24 милијарди евра годишно, со увоз од три континенти, големо домашно производство и извоз во многу земји, „нарко пазарот“ во Европа се наоѓа во динамична фаза, се наведува во годишен извештај на Европол.
Според таа европска органзација на полициите, нарко пазарот останува најголем криминален пазар во ЕУ. Повеќе од една третина од криминланите групи кои оперираат во ЕУ се вклучени во производство и трговија на различни видови дроги. Најголемиот дел припаѓа на канабисот – 38 проценти, на хероинот – 28 и на кокаинот – 24 проценти.
Се смета дека во ЕУ повеќе од 92 милиони возрасни, или речиси секој четврти Европеец на возраст од 15-64 години користел нелегални супстанци. Според полова структура тоа се 56 милиони мажи и 36,3 милиони жени, како и 18,9 милиони млади на возраст помеѓу 15 и 34 години.
Според една студија, во ЕУ во 2016 година се забележани 7.929 смртни случаи заради предозираност. Притоа најмногу такви случаи имало во Велика Британија (34 проценти) и во Германја (15 проценти).