Кажи не за дрогата и да за спортот, беше мотото на денешните спортски активности, со што во Кавадарци беа одбележани 21 година од постоењето на Центарот за одвикнување од алкохол и дрога, Нарконон Балкан, што работи во кавадаречкото село Конопиште.
На настанот беше кажано дека околу 290 лица од земјава и странство се имаат ослободено од зависности во центарот сместен во прекрасната природа под Кожуф планина.
Дејан Димевски, супервизор на Нарконон програмата што се реализира во педесетина земји во светот, рече дека преку играње фудбал од страна на четириесетина лица кои успешно се ослободиле од зависност, но и од страна на вработени во центарот, упатуваат две пораки до јавноста. Сите да стојат подалеку од дрогата, како зло што го има зафатено човештвото на глобално ниво. А тие што веќе се зафатени од нејзините канџи, да се потрудат што е можно поскоро да се извлечат оттаму и да се насочат кон добри работи.
– Овие спортски активности со што порачуваме да се каже да на спортот, а не на пороците како дрога и алкохол, имаат рекреативен и ревијален карактер. Ние континуирано во Центарот организираме спортски активности, а за првпат на ваков начин, со поголем број на учесници, што се надеваме дека ќе стане традиција, посочи Димевски.
Тој подвлече дека сите во Конопиште се како едно големо семејство и дека најголемиот дел од лицата кои го посетуваат Центарот се ослободуваат од зависностите, па продолжуваат да ги реализираат своите животни соништа и да дадат максимум од себе во заедницата.
Извршната директорка во Нарконон Балкан, Александра Димевска Јокиќ, рече дека во изминативе години, на неколкупати добивале признанија за нивната работа, а Центарот бил и официјално прогласен за еден од најдобрите во светот.