Граѓаните во 2018 година најголема недоверба искажале на судската власт, што покажува и двојно зголемениот број на претставки во врска со правосудството поднесени до Народниот правобранител, рече заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа презентирајќи го Годишниот извештај за работата на оваа институција.
-Минатата година постапувавме по 4.482 претставки, од кои 3.458 беа примени во извештајниот период, при што 50 беа отворени по сопствена иницијатива за различни области, рече Бајрамовска-Мустафа, посочувајќи дека најголем број претставки биле од областа на правосудството, работните односи, казнено поправните установи, потрошувачките права, заштита на права при полициско овластување, финансиското работење, заштита на правата на етето, како и социјалната и здравствена заштита.
Долгото траење на постапките, како што посочи таа, е основниот проблем за кој се бара заштита, а голем е и бројот на претставки во кои граѓаните изразуваат незадоволство од судските одлуки за кои сметаат дека се донесени пристрасно, селективно, под притисок и политичка мотивираност.
Бајрамовска-Мустафа истакна дека нема позитивна промена ниту во поглед на ефикасноста во постапувањето на Јавното обвинителство, особено поради тоа што биле евидентирани случаи кривичната пријава да биде отфрлена поради настапување на апсолутна застареност за кривично гонење што, како што додаде, упатува на заклучокот дека таквата состојба е резултат на пасивноста и неефикасното преземање дејствија во предистражната и истражната постапка од бвинителството.
Во извештајот е наведено дека за околу 60 отсто е зголемен бројот на поднесени претставки во врска со правата од работен однос. При тоа граѓаните најчесто бараат заштита поради повреда на правата во постпките за вработување, исплата на плати и други надоместоци, за распоредување на вработените, за престанок на работниот однос, како и постапки по жалби и приговори.
-Во оваа област констатиравме дека продолжува праксата на партиски реваншизам, после спроведување на кои било избори, што беше особено видливо во сферата на образованието и детската заштита,како при изборот на кандидати за вработување, така и при трансформација на работниот однос на вработените од определено на неопределено време и во однос ба продолжување на договорите за работа, истакна таа.
Посочи дека благ пораст има на претставките за дискриминација по основ на политичка припадност, етничка основа, како и заштита од мобинг на работно место.
Според заменик народниот правобранител значително не се подобрени ниту состојбите во областа на казнено-поправните устнови во однос на условите на сместување, храната, хигиенските услови, како и несоодветниот стоматолошки третман на лицата во затворите.
-Од друга страна и по истекот на скоро пет години од почетокот на изградбата на Воспитно-поправниот дом, кој требаше да биде завршен во 2016 година, објектот се уште не е пуштен во употреба, а децата кои се во судир со законот наместо во дом, казната ја извршуваат во КПУ Затвор охрид, рече Бајрамовска-Мустафа.
Посочи дека состојбите се алармантни и во однос на правата на детето, особено во делот на училишното насилство.
Споредбено со 2017 година, како што истакна Бајрамовска-Мустафа во извештајната година се забележува намалување на констатираните повреди за 7,60 отсто, а од друга страна анализата на податоците во однос на прифатенте препораки на Народниот правобранител покажуваат намалување за 13,42 отсто во споредба со 2017 година.
Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето, почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права за 2018 година Народниот правобранител го доставил денеска до Собранието.