На аукција на благајнички записи што денеска треба да се одржи, согласно одлуката на Народната банка донесена во понеделникот, понудата ќе биде за осум милијарди денари помала во споредба со аукцијата спроведена во март.
Од Народната банка наведуваат дека ослободените средства во износ од околу 130 милиони евра се очекува да овозможат натамошна поддршка за македонската економија преку поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем.
–Преземањето на ваквиот чекор од страна на Народната банка следува по намалувањето на основната каматна стапка, регулаторните измени со што се обезбедува поголема флексибилност и им се остава поголем простор на банките да се фокусираат на процесот на кредитирање, како и на измените кај задолжителната резерва со што се ослободува дополнителна ликвидност и му се дава поддршка на кредитирањето на најпогодените сектори во економијата, оценуваат од Народната банка.
Според централната банка обезбедувањето дополнителна ликвидност е особено важно, имајќи ја предвид специфичноста на шокот од пандемијата на ковид-19 и мерките што се преземаат за справување со него.