Во минатите времиња кога немало лекари, заболекари и лекарства, народот честопати се лекувал со тоа што му било на дофат подготвено според рецепт на народната медицина.
Прочитајте што се користеле луѓето во минатото за забоболка, за главоболка, за уво… Но, сепак, ви препорачуваме доколку имате проблем побарајте помош кај лекар, а овие упатсва за лекување сфатете ги како информација како порано се снаоѓале нашите баби и дедовци.
Глисти (пантличара): Од оваа болест човекот е испиен во лицето „куту ка не јаде леб“. Се лечи на тој начин што се вари рж и се пие водата во која е варена ржта. Многумина ја јадат и варената рж, брашно од рж и кафе од рж.
Некои прават и маџун и тоа вака: земаат 100 грама мед, 25 грама благ камен (сулфур), 100 грама гингејарово семе (од фамилијата лапа Минора) и малку каранфил и сето тоа го мешаат и толчат и потоа секое утро болниот на гладно срце зема по една лажица. Некои во лекот ставаат и малку ванила.
Глава- болење (главоболка): За да не ги боли главата преку летото во текот на месец мај ставаат пијавици на тилот и тоа и машките и женските. Некои наместо пијавици употребуваат рукчијна. Има специјална справа со која се дупи кожата на неколку места на тилот, потоа на секое дупче се става по едно рукче со прободен врв. Низ тоа дупче се исцицува сиот воздух и дупчето брзо се затвора со прстот. Потоа крвта ќе потече низ тој безвоздушен простор и кога рукчето ќе се наполни со крв само се одделува од кожата.
На едно лице му се ставаат 5 до 8 рукчиња. Против главоболка се употребуваат и овие лекови: се истолчува кромид и се врзува на челото или шамивче се наквасува со оцет и се врзува на челото и слепоочниците. Некои на темето ја ставаат и таа павлака што се фаќа по ќупот во кој се чува оцет, а на тилот квасец измешан со оцет и толченио семе од синап. Некои толчат компир и кромид, а некои варат и штирак и сето тоа го врзуваат на челото. Најпосле некои расекуваат лимон го посипуваат со кафе и тоа го врзуваат на слепоочниците.
Гуша (грло): Со ова име се викаат сите болести што се развиваат во грлото. Ако се обични крајници ги викаат грло или гуша; ако пак е дифтерија ја викаат горно грло, гулемо грло или лошо грло. За болеста на гушата се употребуваат овие лекови: пред се, секое грло се трие, т.е. се притиска и се гмечи со зејтин, а некои зејтинот го мешаат со шпиритус и со тоа трлаат. Кога гушата ќе се истрие, се обложува со толчен кромид и зејтин.
Некои толчат и наложуваат и маслинки. Преку летото печат модри патлижани и бамји во пепел и сето тоа го гмечат со зејтин и ја обложуваат гушата. Гушата се обложува уште и со квасец измешан со зејтин. Многумина ја обложуваат гушата со алва – таан алваси. Постарите луѓе наутро пијат ракија и на децата им се дава да јадат небет шикјер (жолт шеќер). Како најсигурен лек против гуша го сметаат грло дигајне. Кога бадемите во гушата (жлездите-крајници) доста порастат и ја затворат гушата тогаш некоја вешта жена ќе го пикне средниот прест во гушата и ќе притисне и на едната и на другата страна, за да го отвори затвореното и по некој пат и толку за да се скапат бадемите и да потече гној и крв.
Потоа треба да се испие чаша лута ракија. Некои жени пред да го пикнат прстот во гушата налепуваат на прстото чиста пепел за да не се лизгаат бадемите под прстот. Многумина грицкаат нишадор или пак го толчат во прашак и низ цевка на болниот му го дуваат во грлото.- Некои ја мачкаат гушата со сабор, а ја тријат со зејтин. – Некои варат трева лапух и ја обложуваат гушата, а некои ја обложуваат гушата со енгинарово лисје откако ќе го истолчат.
Заушки: Заушките кај возрасните се лечат исто како и кај жените, само што кај луѓето се завиткуваат со варен густ ориз да омекнат. Некои наместо ориз варат ленено семе и со тоа го замотуваат за да омекне.
Уши булејне (увоболка): Против болките на увото се употребуваат топли крпи и памук. Ако од тоа не мине тогаш се вари праз и така млак откако ќе се исцеди од водата се обложува околу увото. Но се употребува и овој лек: кога ќе најдат мали штотуку изведени мишчиња ги ставаат во шише со зејтин и тука ги оставаат се додека не се распаднат во зејтинот.
Потоа овој зејтин го тураат во увото и тврдат дека овој лек успешно го лечи клукањето во увото и сите болести на ушите. Некои тураат во увото пејно масло (осветено масло), или обичен зејтин; некои тураат и сч`за од винова лоза – кога пенушката се реже, а некиои тураат вода од праз или бадемово масло.
Жлибијна-булејне (устобоља): Кога човекот го болат непцата тогаш се гори корката од лебот, се толчи и со неа се тријат непцата. Некои ја плакнат устата со вино или наместо вино употребуваат раствор од стипса, измешан со комова ракија.
Кога човекот го болат усните и тоа кога ќе се здебелат, ќе се наполнат крв и ќе испукаат тогаш се навиткуваат влакна на показалецот, потоа прстот се натопува во мед и со тоа се трла устата дотогаш додека не пушти крв. Некои го употребуваат тоа што се наоѓа во трската, тоа го ставаат на усните додека устата не се исуши и истанчи.
З`б булејне (забоболка): Кога боли заб се вари бел леб во вино и се обложува страната од каде што е забот. Некои варат борина, оцет и стипса и со таа вода се жабурка, се плакне устата. Некои толчат сол и кромид и од тој кромид ја цедат водата и ја плакнат устата.
Некои варат рѓосани шајки во оцет и со тоа ја плакнат устата.Кога клука шуплив заб во него ставаат восок или темјан. Кога забот ќе се извади и крвта не престанува потопуваат памук во зејтин и го ставаат во дупката. некои пак жабуркаат солена вода или растворена стипса.
Салг`н (настинка): Обично кога малку ќе залади се јавува болеста салг`н – настинка. Кога истовремено ќе настинат неколку деца тогаш велат дека владее пуридија-редња т.е. секое дета мора да ја одлежи оваа настинка. Салаг`нот е опасен кога ќе се спои со грлото, а тоа се добива ако детето се пушта да шета кога е болно од салаг`нот.
Салаг`нот се лечи со трлање по целото тело со зејтин, шпиритус и камфор. А некои го лечат и на овој начин: земаат неперена, сино обоена, платнена крпа, ја мачкаат со овчи лој и врз тоа посипуваат истолчен ким, и таа крпа му ја ставаат на детето на градите.
Чимичок (јачмењак): Чимичок е мало чирче што се јавува на очните капаци. Кога ќе се појави чимичок треба да се истрие со лук. Се верува дека чимичокот се лечи на тој начин што оној што прв ќе го види треба да го удри три пати со штиклата. А ако не носи обувки тогаш треба три пати да се удри ф`нога.
Чимичок се лечи и со баење, при што тој што бае ги изговара овие зборови:Чимичоче боди-оче,кој та викна – да та викна,јас ти вељум: стан си, јоди.Ак` та најдум утре застра, не ки видиш как` да бегиш!
Според книгата Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази, од Стефан Тановиќ, Београд 1927 (Подготви Марко Китевски)