Тоа што го зборувавме вчера е само мал дел од образовната политика која што ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи образованието е фундамент, од образованието се потекнува, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски осврнувајќи се на вчерашната трибина за образование, запрашан од новинарите дали има план за подобрување на состојбите во образованието, како што се немањето учебни и тоа што македонските универзитетите ги нема на шангајската листа.
Мицкоски посочи дека како идна влада, планираат сериозни реформи во рамките на министерството за образованието, каде што за универзитетските професори кои што ќе објават научни трудови со фактор на влијание од базата „Томсон Ројтерс“ предвидени се финансиски стимулации, односно зголемување од 50% на нивниот личен доход.
„Во делот на високото образование, планираме реформа со која што ќе бидат наградени оние наставно образовни лица кои што ќе објавуваат трудови со фактор на влијание во часописи кои што се дел од базата на „Томсон Ројтерс Сајнс“. Следната година, од годината кога ќе објават, ќе имаат зголемување од 50% во нивниот личен доход и ќе биде целосно платена котизацијата за тој труд, на тој часопис со фактор на влијание кој што е дел од базата на индексирани часописи на „Томсон Ројтерс“, наречена „Веб оф Сајнс“. Многу е ова важно за да можеме да напредуваме на Шангајската листа, затоа што во моментот, за жал, Универзитетот Св. Кирил и Методиј се бори околу двеилјадито место да остане, во првите две илјади универзитети во светот. Додека, пак, во регионот соседна Србија има два универзитети во првите илјада, Белград е во првите 300, во првите 800 е Нови Сад. Загреб е таму, Љубљана е таму во првите илјада“, рече Мицкоски.
Така што, истакна Мицкоски, наша цел како влада е да направиме се еден од универзитетите да биде во првите илјада на Шангајската листа на универзитети и со тоа ќе се зголеми квалитетот на високото образование, а со тоа ќе се зголеми и конкуренцијата на пазарот на труд.
„Нема само да се посветиме на високото, ќе се посветиме на основното и на средното образование, кариерното унапредување, колективниот договор. Учениците и родителите исто така ни се фокус иако знаеме дека во моментов хаос владее во министерството за образование и со сила ќе биде оставена состојба во која што, можеби во учебната 24-25 ќе има проблеми околу печатењето, не затоа што имаме конфликт на концепти, туку имаме конфликт на тоа кој ќе земе и колкава провизија. Но, со сигурност од учебната 25-26 секое дете пред себе на први септември ќе има учебник по секој предмет“, рече Мицкоски.
Додаде дека во образованието планираат многу работи, а при тоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го зголеми вниманието и за учениците со попреченост.
„Кај учениците со попреченост ќе биде зголемено вниманието на идната влада. Не само во основното образование, асистентите ќе продолжат да работат и во средното образование. Потоа, за истите тие ученици со попреченост, ќе имаме бесплатен спорт финансиран од државата, тренери, лица кои што ќе работат со тие ученици, со тие дечиња“, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека се ова ќе биде иновативно и ќе биде нешто кое што до сега не било застапено, додавајќи дека планираат многу да инвестираат во науката, да го зголемат буџетот за науката, затоа што образованието е основа на се.