Владимир Нешковиќ, родум од Скопје повеќе години живее работи во главниот град на Словенија.

Во интервју за МИА го објаснува мотивот зошто тој заедно со повеќе научници, инженери, дизајнери, аналитичари на податоци, преведувачи и комуникатори со јавноста се решија да направат ваква веб-страница. Тој смета дека со визуелизацијата на информациите за епидемијата, граѓаните ќе можат полесно да ја разберат состојбата и зошто е важно да се почитуваат мерките за спречување на ширењето на истата.

Кој беше мотивот да изработите ваква веб страницата односно?

– Првенствено беше во искуството, што го имавме со Следилник (технологијата е иста) во Словенија. Секако дека е контекстот различен на многу нивоа. Ама сепак, без многу размислување, се одлучивме да направиме клон, Трекер и да видиме колку можеме со едноставни визуелизации на податоци да додадеме нешто во разбирањето на епидемијата.

Зошто е корисна за граѓаните?

– Сметаме дека податоците што се претставени со слика (графикон) многу повеќе поттикнуваат размислување за тоа што сите тие бројки, во часовните серии, ни кажуваат. Некогаш едноставно гледање во два графикона одеднаш и брзо прелетување по податоците даваат нова идеја. Пример, ако видиш крива што расте, или растењето се смирува и се врти кон пад е нешто што ти кажува интуитивно дека нешто оди на подобро или полошо. Ако на другиот графикон видиш сличен тренд, а за други податоци, веќе си на праг на претпоставка да знаеш зошто сето тоа се случува. Ако секојдневно следиш бројки со нови вредности на променливите што те интересираат, ја немаш таа можност тоа да го видиш брзо. Сликата носи 1000 зборови, викаат. Овде графиконите „сликаат“ непрегледни табели со илјадници вредности.

Какви се вашите очекувања од истата, што таа треба да промени?

– Би сакале да почнат луѓето меѓу себе да „зборуваат“ во јазик на визуелизации и да ги користат тие како аргументи. Можеби не сите, ама да има доволно луѓе што секојдневно се одлучуваат за своите постапки со помош на тоа што го гледаат во слика, како податок. Тоа е нешто што најверојатно ќе потрае, ама кога ќе се создаде критична маса, не е нереално да се случи бум и брз прогрес кон тоа.

Крајната и првата цел ни е бар малку да придонесеме да се смири ситуацијата со вирусот и да тргне на подобро. Помалку ширење значат помалку починати и значат побрзо враќање кон понормален живот. Ако дел од тие луѓе се такви што влијаат на секојдневниот живот преку политиките и мерките, е уште подобро.

Колку информатичката технологија може да помогне во борбата со пандемијата?

– Информатичката технологија помага на многу полиња. Мислам дека најважниот момент е дека помага во развојот на нови лекови и вакцини. Од друга страна ги разбирам луѓето што се загрижени за приватноста на своите податоци, мислам дека ИКТ може многу да помогне при ублажувањето на епидемијата со помош на апликации, кои помагаат да знае секој дали бил во близината на заразено лице. Конкретно во малиот сегмент во кој сме насочени, помага огромно. Сето ова го правиме секој пред својот компјутер, дома. Разменуваме информации, полниме табели со податоци во клауд. Таму ни течат програмите на серверите. Комуницираме со слика ефикасно. Тоа се е овозможено од ИКТ технологијата.

Кои се вашите искуства од тоа како Словенија се справува со епидемијата, што можеме да научиме од нив?

– Во Словенија посебно добро успеавме во полето на соработка со полисимејкерите. И денес сме во редовен контакт со одлучувачи од Министерството за здравство и Националниот институт за јавно здравје и работиме на нови пресметки. Актуелни се ситуациите во државите во кои одат државјаните на Словенија и државите од кои доаѓаат најмногу странски државјани. Во минатото, пред и по врвот на епидемијата беа повеќе актуелни индексите, кои пр. помагаа да планираат болнички кревети и персонал. И секако донесувањето на мерките, чија ефикасност се мереше со секојдневните вредности на индексите на епидемијата. Мислам дека многу помогнавме да почнат луѓето да зборуваат со податоци и со нив да донесуваат секојдневни одлуки.

Александар Видиновски за МИА