Потпретседателот на Организацијата на ветераните на Ослободителаната војска на Косово (ОВК), Насим Харадинај вечерва изјави дека признава оти убил српски војници за време на војната во Косово во 1998 – 1999 година, но дека не се плаши од меѓународниот Специјален суд за воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Гостувајќи во емисијата „Фронтал“ на приштинската телевизија Т7, Харадинај, по повод денешната прва посета на Приштина на специјалниот обвинител Џек Смит, изјави дека е револтиран од тоа што се формира еден суд, кој, според него, „еднострано ќе ги третира воените злосторства“.
Формирањето една таква институција, како Специјалниот суд, за Харадинај претставува неправда кон косовските Албанци, затоа што, како што рече, ќе ги суди само нив, а не и српските воени злосторници од последната војна.
Потпретседателот на косовските ветерани рече дека ОВК и тој лично убивале српски војници секогаш кога имале можност и воопшто не жали поради тоа.
– Убивав српски војници секогаш кога ќе ми се укажеше можност. Сакам да му кажам на моето семејство дека ми е жал што не убив толку колку што сакав. Жалам што ми ги убија другарите, но мило ми е што ги убивав српските војници, изјави Насим Харадинај.