Новата градинка во населбата Инџиково ќе обезбеди дополнителен простор за згрижување на најмладите, како и услови за игра, учење и дружење.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, преку објава на социјалните мрежи информираше дека вратите на новиот објект наскоро ќе бидат отворени.
„Лавче“ ќе биде ново место за најмладите жители на Инџиково, а родителите кои имаат потреба од згрижување на своите деца веќе можат да поднесат пријава за запишување.
Аплицирањето е отворено, а пријавата треба да се пополни лично во просториите на централниот објект на градинката „25 Мај“, на улица „Среќко Пужалка“ број 112, спроти ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто.
Од Општина Гази Баба ги повикуваат родителите од Инџиково кои имаат потреба од згрижување на своите деца навремено да ја искористат можноста и да аплицираат за запишување.
Со отворањето на новата градинка, најмладите ќе добијат нов простор за престој, игра, учење и дружење, а семејствата од Инџиково дополнителна можност за згрижување на своите деца.
„Нова градинка. Нови можности. Ново место каде што детството ќе расте со насмевка!“, порача Стефковски.




