САД ѝ вратија на Боливија 500 години стара мумија на девојче од времето на древните Инки, 129 години откако беше подарена на Музејот при Државниот универзитет во Мичиген.
Ова е прв случај мошти од археолошко значење да бидат вратени во земјата на потекло.
Мумијата е позната како Нуста, што на домородниот јазик значи „принцеза”. Пронајдокот е значаен затоа што е во доста добра зачувана состојба. Црната коса на девочето изгледа како да е тукушто исплетена во плетенки, а во рацете таа држи ситно перце.
Стручните лица истакуваат дека мумијата потекнува од подрачјето на Андите, блиску до главниот град на Боливија – Ла Паз, и дека девојчето живеело во последните години од цивилизацијата на Инките.
Истражувањата открија дека гробницата потекнува од втората половина на 15. век, што потврдува дека овој народ практикувал вакви гробници и пред доаѓањето на шпанските конквистадори.