Истражување спроведено меѓу граѓани на 13 земји членки на НАТО, покажа дека во просек околу шеесет отсто од испитаниците имаат позитивен став кон овој западен воен сојуз, објави денеска Истражувачкиот центар Пју.Резултатите од истражувањето беа објавени во пресрет на самитот на НАТО, што ќе се одржи од 9 до 11 јули во Вашингтон.
Триесет и две земји-членки на НАТО ги прилагодуваат своите долгорочни планови и стратегии за да се спротивстават на рускиот претседател Владимир Путин и да одговорат на барањата на Украина во борбата против инвазијата на руските сили.
Поддршката за НАТО меѓу 13-те земји каде што беше спроведено истражувањето е најголема во Полска со 91 отсто, потоа Холандија со 75 отсто и Шведска со 72 отсто.
Сепак, само 37 отсто од возрасните во Грција велат дека го поддржуваат НАТО, што е најниско меѓу анкетираните земји, додека 59 отсто рекле дека имаат неповолен став за алијансата.
Истражувањето покажа дека 63 отсто од луѓето во Канада гледаат позитивно на НАТО, 66 отсто во Британија, 64 отсто во Германија, 63 отсто во Унгарија, 60 отсто во Италија, 54 отсто во Франција, 45 отсто во Шпанија и 42 отсто во Турција. Кога станува збор за Турција, таму е речиси двојно поголема поддршка за НАТО, отколку претходната анкета во таа земја, спроведена во 2019 година.
Центарот претходно објави резултати од САД, каде 58 отсто од испитаниците го поддржуваат НАТО.
Анкетата е спроведена од почетокот на јануари до средината на мај.