Отпорноста на антибиотици може да предизвика смрт на повеќе од 39 милиони луѓе до 2050 година. Ова е заклучокот од студијата објавена во научната публикација „Лансет“, пренесоа светските агенции.
За прв пат, ваква студија го проценува влијанието на отпорноста на антибиотици низ годините и се обидува да го предвиди нејзиниот развој.
Од 1990 до 2021 година, повеќе од еден милион луѓе годишно во светот умирале поради отпорност на антибиотици. Авторите на студијата се фокусираа на 22 патогени агенси, 84 комбинации на третман со патогени и 11 инфективни синдроми кај луѓе од сите возрасти во 204 земји и територии преку податоци за повеќе од 520 милиони луѓе.
Во тие три децении, смртните случаи на деца под пет-годишна возраст директно предизвикани од отпорност на антибиотици се намалија за повеќе од 50 проценти, бидејќи превенцијата и контролата кај доенчињата и малите деца се подобрија.
Меѓутоа, поретко кај овие деца, инфекциите станаа потешки за лекување кога ќе се појават. Во исто време, стапката на смртност кај постарите лица на возраст од 70 и повеќе години скокна за 80 отсто во истиот период поради брзото стареење на населението и поголемата ранливост на старите лица на инфекции.
Што се однесува до патогените агенси, смртноста поради Staphylococcus aureus отпорен на метицилин е најмногу зголемена во светот.
Во следните децении, смртните случаи поради отпорност на антибиотици уште повеќе ќе се зголемат.
Според моделите на истражувачите, бројот на директни жртви може да достигне 1,91 милиони годишно ширум светот до 2050 година, што е скок од повеќе од 67 отсто во споредба со 2021 година. До средината на овој век, отпорноста на антибиотици ќе игра поголема улога за 8,22 милиони смртни случаи годишно, зголемување од 74,5 проценти во споредба со 2021 година. Вкупно помеѓу 2025 и 2050 г.
Отпорноста на антибиотици би можела да биде директна причина за повеќе од 39 милиони смртни случаи ширум светот и би била поврзана со 169 милиони смртни случаи, според научниците.
Сепак, можни се и помалку песимистички сценарија, забележуваат авторите на студијата.
Тие, исто така, потсетуваат дека подобрувањето на третманот на инфекции и пристапот до антибиотици може да спречи 92 милиони смртни случаи ширум светот помеѓу 2025 и 2050 година, особено во Јужна Азија и субсахарска Африка.
фото: МИА архива