Научници од Јејл и Универзитетот на Синсинати во САД, спроведоа експеримент на животни со цел да се дознае дали женскиот оргазам во еволутивното минато имал и репродуктивна функција.
Како што е општопознато, машкиот оргазам очигледно ја има таа функција и без тоа ејакулацијата не може да се случи. Меѓутоа, кај жените таа поврзаност е многу нејасна, оти овулацијата се случува без обѕир на тоа дали жената доживеала оргазам или не.
Во истражувањето, американските истражувачи користеле сексуално активни зајаци. И, ова значи дека, многу веројатно, мистеријата околу женскиот оргазам, е решена, сметаат Гунтер Вагнер, професор по екологија и еволуциска биологија на Јејл, и Михаела Павлиќев, доцентка на Универзитетот на Синсинати.
Според сознанијата, клиторисот, центарот на женскиот оргазам, се наоѓа на совршено растојание од местата на коишто се случува „главната дејност” на оплодувањето. Тоа ги навело научниците поподробно да ја испитаат анатомијата, но и генетиката на цицачите. Кај женките зајаци и мечки, на пр., клиторисот се наоѓа на самиот „репродуктивен пат“ кој се користи во тој однос. Така, кај женката зајак, стимулацијата на клиторисот и оргазмот се всушност и потребни за покренување на овулацијата.
Тоа е, секако, различно од процесот кај жената (човек). Така, теоријата на Вагнер и Павлиќев е дека, некаде во еволутивниот развој на човекот, клиторисот „се поместил“ од местото на репродуктивната активност, но задржувајќи ја способноста да лачи хормони на задоволство.
– Ова е важно за нашето разбирање на женската сексуалност, истакна проф. Вагнер.
Потоа, двајцата научници им вбризгале антидепресив флуоксетин (познат како „Прозак“) на заморчињата. Тоа ја намалува способноста кај женките да доживеат оргазам, но тука ја намалило и овулацијата – за 30 отсто.
Ова многу веројатно ја потврдува тезата дека во минатото, и кај луѓето, оргазмот кај жената имал главна улога за добивање потомство.