Тим од археолози, научници и геодети откриле, според претпоставките, најстари остатоци од брод на светот – грчки трговски брод, каков што порано можел да се види само на древни керамички предмети.
Археолозите кои го истражуваат Црното Море соопштија дека бродот е пронајден во близина на бугарскиот брег, на длабочина од речиси 2.000 метри, во услови без кислород, благодарејќи на кои бродот е зачуван до денес.
Со анализа на радиоактивниот јаглерод во примероците земени од бродот, експертите утврдиле дека бродот е постар од 2.400 години.
Морските археолози три години ја истражувале таа област, користејќи технологија која претходно им била достапна главно на нафтените компании.