Креиравме „совршена бура“ за болести што се пренесуваат од светот на дивите животни на луѓето и се шират глобално и брзо, а човечкото уништување на природата само го забрзува тој процес, предупредуваат научниците, објави Би-Би-Си од Лондон.

Ова е глобален став на здравствените експерти, кои проучуваат како и каде се појавуваат нови болести во светот.

Како дел од овие напори, експертите развија систем на препознавање образец што може да предвиди кои болести на дивите животни претставуваат најголема закана за луѓето.

Овој пристап кон проблемот го претставија научници од британскиот Универзитет во Ливерпул и тоа е дел од глобалниот напор да се најдат начини за подобро подготвување за идните заразни болести.

– Во последните 20 години имавме шест големи закани – САРС, МЕРС, ебола, птичји грип и свински грип, изјави за Би-би-си професорот Метју Бејлис од Универзитетот во Ливерпул.

– Успеавме да избегнеме пет куршуми, ама шестиот сепак нè погоди. И ова не е последната пандемија со која ќе се соочиме, поради што мораме внимателно да ги следиме заболувањата кај дивите животни, истакна Бејлис.

Како дел од деталната анализа, заедно со колегите, тој осмисли систем за препознавање модели што може да проучат огромна база на податоци за сите познати болести од животинскиот свет.

Покрај илјадниците бактерии, паразити и вируси познати на науката, овој систем препознава и траги скриени по бројот и видот на животните што успеваат да пренесат зараза. Системот користи индиции за да заклучи кој од нив претставува најголема закана за луѓето.

Ако патогенот се прогласи за приоритет, сите научни трудови ќе бидат насочени кон изнаоѓање превентивни мерки и третман пред појава на зараза, истакнаа научниците.