Речиси 600 видови растенија исчезнаа од дивината во последните 250 години, покажуваат истражувањата на научниците кои анализирале популација од 330.000 растителни видови од целиот свет, објави Би Би Си.
Тие велат дека од 1900 година до денес, годишно во просек, изумирале три видови раститенија, што е 500 пати побрзо отколку кога станува збор за природното изумирање на растенија кои растат од семе.
Во повеќето случаи, тоа се случило на изолирани острови како што се Хаваи, Маурициус, потоа во Австралија, Бразил и Индија, каде растенијата се поранливи кога станува збор за промена на средината на која влијае човекот. Научниците велат дека областите каде изумираат видовите растенија се совпаѓаат со областите каде исчезнуваат животните.
– Повеќето луѓе успеваат да се сетат на името на цицач или на птица која исчезнала во последните неколку века, но малкумина може да наведат растенија кои повеќе не постојат, вели д-р. Елис Хамфриз од Универзитетот во Стокхолм.
– Благодарение на оваа студија, првпат имаме увид во тоа кои растенија веќе изумреле, или колку брзо тоа се одвивало, вели Хамфирз.
Меѓу растенијата кои веќе не се на нашата планета е чилеанското сандалово дрво, кое се користеше во производството на есенцијални масла. Повеќето од нив исчезнале на островите и во тропските предели, каде што овие растенија најчесто растат.
Научниците од Универзитетот во Стокхолм и нивните колеги од Кралската ботаничка градина во Кју заклучија дека исчезнале 571 вид растенија, двапати повеќе од изумрени птици, цицачи и водоземци или вкупно 217 видови. Се стравува дека ова не е вистинска слика, и дека бројката е многу поголема.
Една од позитивните работи е фактот дека некои растенија за кои се верувало дека изумрела биле повторно откриени, како чилеанскиот шафран.
Проблемот со исчезнувањето на растенијата е од голема важност, бидејќи од нив зависи животот на Земјата, тие ни даваат кислород и храна.
Во исто време, исчезнувањето на растенијата резултира со исчезнување на други организми кои зависат од нив, на пример, некои видови инсекти што се хранат од растенијата или ги користат за полагање јајца.
Веста за изумирањето на растенијата е лоша за сите видови, вели ко-авторката на студијата, д-р. Еимир Ник Лугада од Кралската ботаничка градина.
– Опстанокот на милиони други видови зависи од растенијата, а еден од нив сме ние- луѓето. Бидејќи сега знаеме кои растенија исчезнуваат, мораме повторно да ги засадиме и да се обидеме да ги сочуваме за да ги сочуваме другите организми, предупреди таа.
Научниците веруваат дека одлучувачки чекори мора да се преземат многу брзо, што ќе помогне да се спречи понатамошно изумирање на растенијата.
Пред сè, неопходно е да се евидентираат видовите растенија низ целиот свет, да се обнови хербариум во кој се чуваат различни билни примероци, да се поддржуваат ботаничарите вклучени во истражувањето и да се учат децата како да ги препознаат растенијата кои растат во нивната средина.