Научниците кои ја советуваат Владата на Велика Британија во справувањето на епидемијата со корона вирусот, предупредиле дека случаите на Ковид-19 најверојатно ќе се зголемат експоненцијално кај децата кога училиштата ќе продолжат следниот месец по летните одмори, објави Блумберг.
Повеќето деца од Велика Британија не се вакцинирани против коронавирус и би било „разумно“ Владата да планира „висока распространетост“ во училиштата до крајот на септември, се вели во документот од 11 август, објавен во петокот од владина научна советодавна група за итни случаи.
Во предупредувањето се нагласува дека премиерот Борис Џонсон треба да „оди по јаже“ во овој случај додека се обидува да ја врати земјата во нормала по година и половина од пандемијата, во која починаа повеќе од 130.000 луѓе во Обединетото Кралство, а економијата ја зафати најлошата рецесија во изминатите три века.
На генерално ниво, повеќето ограничувања, освен оние за меѓународни патувања, се отфрлени, а Џонсон рече дека сака да нема повеќе заклучувања на земјата.
Научниците рекоа дека пред летните одмори, процентот на позитивни тестови на корона вирус во училиштата се зголемил на околу 1,5 отсто на крајот на јули од околу 0,1 отсто во мај.
Тие, исто така, процениле дека стапката на стекнат имунитет од заразување со вирусот кај децата е околу 20 отсто, но тоа се однесува на средината на мај. Нивните модели и сценарија за враќање на децата во училиштата, претпоставуваат дека стапката се зголемила во опсег од 40-70 отсто, но тоа се само претпоставки.
И покрај тоа што најголемиот дел од возрасните во Велика Британија сега се вакцинирани, ширењето ан епидемијата не стивнува, а само завчера во Британија беа регистрирани повеќе од 38.000 нови позитивни и речиси 240.000 во изминатата недела.
Децата се најмалку заштитени од вирусот во Обединетото Кралство, бидејќи вакцинациите се неодамна одобрени за деца од 16 до 17 години, додека деца од 12 до 15 години можат да добијат вакцина само ако имаат одредени здравствени состојби или живеат со некој кој е имуно-компромитиран.
Вакцинацијата „речиси нема да направи разлика“ кај децата во текот на летото, велат научниците. Тие, исто така, рекоа дека улогата на училиштата во управувањето со преносот на Ковид во пошироката заедница „останува неизвесна“.