Според неодамнешни истражувања, сегашните и поранешните пушачи доживуваат поголема физичка болка од оние кои никогаш не ја стекнале оваа проблематична навика, пишува хрватски Индекс.
Научниците од Универзитетот во Лондон (UCL) спровеле истражување на повеќе од 220.000 луѓе и откриле дека оние кои пушат цигари живеат во поголема болка. Засега не е познато што ја предизвикува оваа состојба, но експертите веруваат дека пушењето најверојатно предизвикува трајни промени во организмот.
Трајна последица од пушењето
Во студијата, испитаниците биле класифицирани во три категории: оние кои никогаш не пушеле цигари, оние што порано пушеле секој ден и оние кои сè уште пушат секојдневно.
Научниците ги прашале учесниците во студијата со колкава физичка болка живеат дневно, на скала од 0 до 100 (поголемиот број означува поголема болка).
Сегашните и поранешните пушачи, во просек, посочиле дека доживуваат поголема болка за еден – два поени од оние што никогаш не пушеле. Со други зборови, студијата открила поврзаност меѓу долгорочно пушење и живеење со поголема болка, дури и по напуштање на таа навика.
– Клучно откритие на оваа студија е дека поранешните пушачи сè уште го чувствуваат овој ефект на зголемена физичка болка, рече еден од истражувачите вклучени во студијата, психологот Олга Перски.
Што се случува?
Научниците сè уште не можат да објаснат што точно ја предизвикува оваа поврзаност меѓу пушењето и поголемата физичка болка.
Една од идеите што се разгледува е дека некои од илјадниците хемикалии што се наоѓаат во цигарите предизвикуваат трајно оштетување на ткивата, што резултира во поголема болка.
Втората е дека пушењето може да има траен ефект врз хормоналниот систем на телото.
Но, постои и можност дека пушењето е симптом, а не причина. Поточно, некои претходни студии покажале дека луѓето кои чувствуваат поинтензивна болка имаат поголема склоност кон пушењето.
Дебора Арнот, извршна директорка на Здружението за пушење „Ash“ (пепел), рече дека во 1950-тите е откриено дека пушењето предизвикува рак на белите дробови и оттогаш се откриваат сè повеќе и повеќе негативни ефекти од пушењето.
– Пушењето предизвикува карцином, срцеви и респираторни заболувања, слепило, глувост, дијабетес, деменција и неплодност. На пушачите исто така им треба подолго време да закрепнат од операциите. Значи, не е изненадување што пушачите чувствуваат повеќе болка отколку луѓето кои никогаш не пушеле цигари, заклучи Арнот.