Д-р Рејчел Ен Бар, невролог и истражувач од канадскиот универзитет Лавал, вели дека студиите покажуваат дека луѓето кои редовно гледаат филмови за возрасни, честопати имаат оштетување на предниот дел на кортексот, мозочен регион кој контролира силата на волјата и импулсивноста.
Инаку, тој мозочен регион целосно се развива дури на позрела возраст.
Д-р Бар предупредува дека истражувањата покажуваат оти порнографијата може да предизвика несоодветна обработка на емоциите и импулсите, што може да доведе до компулсивно однесување и лоши одлуки.
„Звучи парадоксално, но содржината за возрасни нашиот мозок може да го доведе во малолетничка состојба. Иронијата е дека порнографијата ветува забава и сексуално задоволство, но ако се претера со тоа, има спротивни ефекти”, вели д-р Рејчел Ен Бар.
Порнографската содржина отсекогаш постоела во различни форми. Но, со развојот на Интернеот, порнографските филмови се лесно достапни и побарувачката за нив е огромна. На Порнхаб, во текот на 2018 година, биле прегледани 33,5 милијарди видео клипови.
„Науката само што започна да ги открива невролошките последици од консумирањето порнографија. Веќе е јасно дека менталното здравје и сексуалниот живот претрпуваат катастрофални последици, од депресија до еректилна дисфункција“, предупредува д-р Бар.
Д-р Бар, која ги истражува учењето и меморијата, вели дека нејзиниот тим истражувачи го забележле моќното влијание на порнографските филмови врз функцијата на мрежите на невроните, што може да влијае на човековото однесување.
„Долгорочно гледано, се чини дека порнографијата предизвикува сексуална дисфункција, особено неможноста да се има ерекција или оргазам со вистински сексуален партнер. И квалитетот на бракот и посветеноста кон емотивен партнер се компромитирани”, вели д-р Бар.
Докторката вели дека таков механизам може да се спореди со употребата на дрога. Кога некое лице користи кокаин, се излачува голема количина на допамин, хормон „добро расположение”. Истата работа се случува со сексуалната возбуда, бидејќи прекумерната активност на невротрансмитерите задолжени за сексуална возбуда може да ги намали природните рефлекси и навики, оставајќи го телото збунето во процесот на задоволување на потребите.
„Студиите покажуваат дека промените во преносот на допамин можат да предизвикаат или влошат депресија и вознемиреност. Консументите на порнографија често пријавуваат симптоми на депресија и посиромашно ментално здравје отколку оние кои не ги следат тие содржини. Исто така, порнографските корисници честопати стануваат опсесивно-компулсивни и тие постојано бараат колку што е можно повеќе порнографска содржина “.