Многу е веројатно дека некои од најдобрите кошаркари во светот ќе ги пропуштат Олимписките игри во Токио следното лето, бидејќи раководството на НБА не сака да ја усогласи програмата за следната сезона со најголемиот спортски настан во светот.
Календарот на Лигата доцни оваа година поради пандемијата на коронавирус, што ќе доведе до подоцнежен почеток на следната кампања. Регуларната сезона се очекува да започне во јануари, а плеј-офот кон крајот на јули и почетокот на август, токму за време на игрите, кои беа одложени за оваа година.
– Ќе разговараме за тоа, но мислам дека има многу мали шанси на крајот на сезоната да паузираме поради Олимпијадата. Ова значи дека ќе ни треба предолга пауза, бидејќи пред Игрите, националните тимови ќе сакаат да одржат кампови со своите играчи, а потоа ќе им треба пауза. Мислам дека ова нема толку да ги намали шансите на американскиот тим. Има толку многу неверојатни кошаркари во САД. Според мене, ова би бил посериозен удар за другите репрезентации, бидејќи тие многу се потпираат на своите најголеми ѕвезди кои играат за нас. Но, во овие вонредни околности, не можеме да бидеме сигурни што ќе се случи во светот до тогаш и да правиме планови врз основа на тоа, изјави комесарот на НБА, Адам Силвер.