Американската економија е во рецесија, соопшти Националното биро за економски истражувања (НБЕР), кое го означи крајот на најдолгата економска експанзија во историјата на САД.
Како што објаснува финансиската веб-страница Market Watch, НБЕР е приватна истражувачка група предводена од главните економисти на земјата и одамна се смета за официјален арбитер за проценка кога започнуваат и завршуваат одредени деловни циклуси.
Одборот на НБЕР објави дека рецесијата започнала во февруари.
Според широката дефиниција на тоа биро, рецесијата е „пад на економската активност што трае повеќе од неколку месеци“.
„При одлучувањето дали да се прогласи рецесија, одборот го проценува степенот и времетраењето на падот на економската активност, како и дали падот е пријавен во различни сектори. Одборот признава дека пандемијата и одговорот на јавното здравство резултирале со различен пад“, соопшти НБЕР.
Организацијата наведува дека бруто домашниот производ во САД паднал по годишна стапка од 4,8 проценти во првите три месеци од годината, а невработеноста се зголемила од 3,5 проценти во февруари на 14,7 отсто во април, за да падне на 13,3 проценти во мај.