Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија ги задржа согледувањата за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти.
На вчерашната седница, Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови и одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 проценти. Одлучено е и понудата на благајнички записи за аукцијата, што ќе се одржи денеска, да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.
Од НБРМ денеска информираат дека последните макроекономски показатели кај одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, коишто засега не предизвикуваат поголеми промени. Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ заклучил дека се уште постојат ризици и од домашното и од надворешното опкружување и оти ќе се следат сите економски показатели во однос на поставеноста на монетарната политика.
– Согласно со објавените проценети податоци, по слабиот раст во првиот квартал, во второто тримесечје, растот на БДП значително забрза на 3,1 проценти, што сепак е нешто пониско остварување во споредба со проекцијата. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата и во овој квартал од годината, велат од НБРМ.
Во однос на инфлациските движења оценето е дека ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2018 година се урамнотежени.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст во однос на крајот на минатата година за што, според НБРМ, во голем дел придонеселе интервенциите со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Растот кај девизните резерви е нешто повисок од очекуваниот со априлската проекција, а анализата на показателите за адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се одржуваат во сигурната зона.
Задржан е континуитетот на раст и на депозитите и на кредитите, односно депозитната база во август продолжила да расте со забрзана месечна динамика, а на кредитниот пазар, месечниот раст е воден од секторот „домаќинства“. На годишна основа, растот на депозитите и на кредитите во август го надминал проектираниот годишен раст за третиот квартал од годината.
Оценка на Комитетот е дека се зголемуваат денарските ликвидни средства на банките пред сѐ заради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи. – Пазарните движења, во комбинација со високата девизна ликвидност на банките, којашто имаше нагорен тренд под влијание на растот на девизните средства, доведоа до секојдневни интервенции на НБРМ со банките поддржувачки, при што од почетокот на оваа година заклучно со 11 септември 2018 година, се откупени 234,1 милион евра, велат од НБРМ.
На меѓународните пазари, во август е забележана засилена променливост, во услови на заострување на трговските односи на глобален план и губење на вредноста на валутите на одделни земји во развој.