Народната банка на Република Македонија во текот на овој и наредниот месец ќе објави податоци од монетарната статистика, статистиката на останатите финансиски институции и статистиката на каматните стапки, по нова методологија.
Методолошките промени, како што информираат од Банката, се направени заради усогласување со препораките од новообјавениот Прирачник и упатство за монетарна и финансиска статистика на Меѓународниот монетарен фонд од 2016 година (MFSMCG – IMF, 2016) и Техничката мисија на ММФ од областа на монетарната и финансиската статистика во НБРМ од 2015 година и придонесуваат за обезбедување квалитетни и конзистентни статистички податоци усогласени со највисоките меѓународни и европски статистички стандарди.
– Податоците за одделните статистики ќе бидат објавени во согласност со утврдениот Календар на објавување, а истовремено заради обезбедување конзистентност, ќе бидат објавени и ревидирани временски серии податоци, велат од НБРМ.
Во областа на монетарна статистика, потенцираат, на 20 јули, со објавување на податоците за јуни 2018 година, ќе се објави и ревидирана серија податоци за периодот од јануари 2009 година до мај 2018 година. Кај статистиката на каматните стапки на 31 јули, со објавување на податоците за јуни 2018 година, ќе се објави и ревидирана серија на податоци за периодот од 2005 година до мај 2018 година. Во делот на статистика на останатите финансиски институции на 31 август, со објавување на податоците за вториот квартал на 2018 година, ќе се објави и ревизија на податоците за првиот квартал на 2018 година, а кај биланси и прегледи на финансиските институции на 31 август, со објавување на податоците за вториот квартал на 2018 година, ќе се објават и ревидирани податоци за депозитните институции за периодот од првиот квартал од 2012 година до првиот квартал од 2018 година и за останатите финансиски институции за првиот квартал од 2018 година.
– НБРМ, покрај податоците, ќе објави и информација за клучните методолошки промени, како и нови методолошки објаснувања, појаснуваат од Народната банка