Нема пропусти во третманот на 17-годишниот Анес Абдуловски, момче со аутизам, при неговото лекување во Психијатриската болница Демир Хисар, констатираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Од таму потврдија дека за време на неговиот престој, тој бил фиксиран и врзуван, но не со синџири, туку со кожни и платнени фиксатори поради неговата изразена агресија, посебно кон женскиот дел од пациентите во установата. Од адолесцентното одделние бил префрлен на акутниот машки оддел во соба за фиксација на пациенти со насилничко однесување, но ДСЗИ не констатираше прекршувања.
„Овие фиксатори се наменети за пациенти кои се агресивни и не станува збор за синџири кои беа изнесени во јавност. Постојат кожни и платнени фиксатори, дозволени се според упатство од мадецина базирана на доказ. Се користат за пациенти со агресивно и насилничко однесување“, изјави Рената Младеновска директор на ДСЗИ.
Иако народниот правобранител во последниот извештај од јуни годинава потврди дека во Психијатрската болница во Демир Хисар има опрема за врзување на пациентите, односно затекнати биле метални синџири со катанци, ремени и кабли и ја потенцираше забраната за тортура на пацинетите, инспекторите при нивните надзори никогаш не затекнале такви предмети, тврди Младеновска.
„Од сите досегашни наши надзори, редовни и вонредни, не сме виделе во психијатриските болници предмети за измачување на пациентите“, вели Младеновска.
Четири дена медиумите пишуваат за раните и модринките на Анес Абдуловски од синџиреите со кои бил врзуван во Демир Хисар. Од психијатриската болница потврдија дека во одредени ситуации е неопходно физичко ограничување, но ниту еднаш не демантираа дека станува збор за синџири како што тврдеше мајката. Сепак, стручната фела е категорична дека фиксирањето и врзувањето на деца со аутизам е со децении напуштена и инквизиторска метода.
„Тоа се инквизиторски методи коишто се својствени за 19-от век. Во медицината одамна е напуштено фиксирањето и врзувањето за кревет. Децата со аутизам воопшто не смее да бидат тепани. Со такво агресивно однесување, ние можеме да ги внесеме нив во психотизација. Колку и да било агресивно тоа дете, постојат други методи во смисла на медикаментозна терапија, седативи за тоа дете да се смири. А, никако да се фиксира за кревет, да се врзува или да се тепа“, вели проф. д-р Владимир Трајковски од Институт за дефектологија на Филозофскиот факултет при УКИМ за Телма.
Пред да биде хоспитализиран во Психијатриската болница во Демир Хисар поради изразена агресија со која родителите не можеле да се справат, Анес бил лекуван на Клиниката за психијатрија во Скопје, но не се јавил на контролниот преглед, велат од ДСЗИ.
Иако, психијатриска установа не е место за деца со аутизам, сепак, останува нејасно зошто бил примен во болницата во Демир Хисар, која ќе биде под строг надзор на Министерството за здравство како што соопшти министерот Меџити при денешната средба со мајката на Анес, Салка Абдуловска. Тој изрази жалење за ситуацијата и рече дека нема да дозволи несоодветен третман на пациентите.