Австриската министерка за одбрана, Клаудија Танер предупреди на големата веројатност од недостаток на електрична енергија во делови на Европската унија (ЕУ) во блиска иднина и порача дека е потребно да се подготви за таквото сценарио.
Таа во интервју за германски „Велт“ рече оти наскоро очекува големи прекини во снабдувањето со електрична енергија на подрачјето на ЕУ.
„Прашањето не е дали, туку прашањето е кога ќе дојде до тоа“, рече Танер и додаде дека ризикот од недостиг на струја значително порасна поради војната во Украина.
Танер рече дека хакерските напади на снабдување на Европа со струја се средство за хибридна војна на рускиот претседател, Владимир Путин.
„Не треба да се преправаме дека тоа е само теорија. Мора да се подготвиме за недостиг на струја во Австрија и во Европа“, порача Танер и додаде дека една третина од австриското население би можеле да преживеат без струја наммногу четири дена.
Поради тоа, таа најави дека војската со 2025 година ќе постави 100 самоодржливи касарни кои сами ќе се снабдуваат со струја, но нагласи потреба и од т.н. „безбедносни острови“ кои во итни случаи би можеле да бидат контактни точки за цивилните помагачи.