Витаминот Ц е неопходен за здравјето и има бројни придобивки. Најчесто може да се најде во разни овошја и зеленчуци и е важен за одржувањето здрав имунолошки систем, а исто така, клучен е и за заздравување рани, одржување силни коски и подобрување на функцијата на мозокот. Но, прекумерниот внос може да предизвика несакани ефекти, пишува „Н-1“.
Во благи случаи, тие вклучуваат проблеми со варењето, но претерувањето може да доведе и до посериозни здравствени проблеми. Некои додатоци во исхраната содржат екстремно големи количини на витаминот, што во некои случаи може да предизвика несакани појави. Најчестите лоши ефекти се пролив, гадење, грчеви во стомакот и други гастроинтестинални проблеми.
Бидејќи витаминот Ц е растворлив во вода, тој не се складира во телото како витамините растворливи во масти. Ова значи дека витаминот Ц се пренесува до ткивата преку телесните течности, а секој вишок се излачува во урината.
Лошо варење
Најчестиот несакан ефект од високиот внос на витамин Ц е лошото варење. Тоа е предизвикано од земање високи дози од овој витамин преку додатоци, а не преку храна.
Ако се земаат додатоци коишто содржат повеќе од 2.000 милиграми витамин Ц, веројатно ќе доживеете проблеми со варењето, најчесто дијареја и гадење. Значи, ако имате проблеми со варењето поради премногу витамин Ц, Вие може, едноставно, да изберете додаток со помала доза или целосно да го прескокнете.
Премногу железо
Витаминот Ц е познат по тоа што ја подобрува апсорпцијата на железо. Може да се врзе за нехемоглобинко железо, коешто се наоѓа во растителната храна и човековото тело не го впива толку делотворно како хем-железото, што се наоѓа во храната од животинско потекло. Кога витаминот Ц се врзува за нехем-железо, му олеснува на телото да го прими тоа железо, што е особено важно за луѓето кои го добиваат поголемиот дел од железото од растителна храна.
Научен труд покажа дека апсорпцијата на железо кај учесниците се зголемила за 67 насто кога земале 100 мг витамин Ц со оброк. Сепак, луѓето со состојби што го зголемуваат ризикот од натрупување на железо во телото, како што е хемохроматоза, треба да бидат претпазливи при земање додатоци на витамин Ц.
Во овој случај, земањето премногу витамин Ц може да доведе до преоптоварување со железо, што може да предизвика сериозно оштетување на срцето, црниот дроб, панкреасот, тироидната жлезда и централниот нервен систем. Сепак, преоптоварувањето со железо е малку веројатно ако немате хемохроматоза.
Преоптоварување со железо може да се случи ако внесувате повеќе од самото железо во додатоци во исхраната.
Може да се создадат камен во бубрег
Телото го лачи вишокот витамин Ц како оксалат, т.е. „отпаден производ“. Премногу витамин Ц може потенцијално да ја зголеми количината на оксалат во урината, што ја зголемува опасноста од појава и развој на камчиња во бубрезите, особено ако се внесува повеќе од 2.000 мг на ден. Тоа е исклучително ретко, особено кај здрави луѓе.
Колку витамин Ц е премногу?
Бидејќи витаминот Ц е растворлив во вода и вашето тело го излачува вишокот во рок од неколку часа од неговото консумирање, ретко се случува преголем внос. Всушност, речиси е невозможно да се внесе премногу витамин Ц само од храна. Кај генерално здрави луѓе, секој дополнителен внес на витамин Ц над препорачаниот, едноставно се излачува од телото. Ова значи дека ќе треба да се изедат 25 портокали или 14 црвени пиперки за да се надмине препорачаниот дневен внес на витамин Ц.
Предозирањето со витамин Ц е поверојатно кога луѓето земаат додатоци во исхраната, или пак, кај луѓето со состојби што ја зголемуваат опасноста од преоптоварување со железо или коишто се склони кон камен во бубрег – и тие треба да бидат внимателни со вносот на витамин Ц.
Ако одлучите да земате додаток на витамин Ц, најдобро е да се земе некој што содржи не повеќе од 100 отсто од дневните потреби. Препорачаниот дневен внес на витамин Ц во исхраната е 60 мг, а максималниот дозволен дневен внес е 350 милиграми. Според Националните институти за здравје на САД, препорачаниот дневен внес на витамин Ц е 75 мг за жени и 90 мг за мажи. си/сд/
Фото: архива




