Собранието во рамките на попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 140-тата седница расправаше по Предлогот за именување на јавен обвинител на Република Македонија. За продолжението на седницата пратениците дополнително ќе бидат известени.
Во текот на расправата за збор се јавуваа само пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие обвинија за бројни злоупотреби во Јавното обвинителство од претходниот јавен обвинител Љубомир Јовески кој, како што рекоа, застапувал само партиски интереси и значајно придонел за урнисувањето на довербата во судството.
Според нив, на власта и се брза пред изборите да ја пополнат и оваа висока јавна позиција со партиски кандидат. Како што посочија, за функцијата се јавиле тројца кандидати од кои само еден – Љупчо Коцевски го поминал филтерот на партијата на власт. Тој сега е единствен кандидат за избор на оваа висока позиција иако е сосема непознат за јавноста и не се знае ништо за неговата стручност за функцијата што треба да ја извршува во наредните шест години. Покрај тоа, додадоа, е веќе и пред пензија, а и експертската јавност даде препорака дека не ги исполнува критериумите за позицијата државен јавен обвинител.
Ниту еден од пратениците од владејачкото мнозинство не се јави за збор или за реплика.