Над осум милиони Британци или 12 проценти од населението на Велика Британија, користат антидепресиви, соопшти Државната здравствена служба (НХС).

Според истражувањето, два милиони луѓе користат антидепресиви повеќе од пет години.

Најновите податоци за долготрајната употреба на антидепресивите, за периодот од 2018 до 2022 година, даваат генерална слика, но не и детали за евентуалните последици, се наведува во соопштението.

Современите антидепресиви, наречени „Селективни инхибитори на повторното земање на серотонин“ (ССРИ), како што е „Прозак“, што се појавија на крајот од 80-тите години од 20 век, беа најавени како „чудесни лекови“ без сериозни несакани ефекти.

Постојат некои докази кои сугерираат дека долготрајната употреба на антидепресиви може да биде поврзана со здравствени ризици како што се срцеви проблеми и дијабетес.

Исто така, се смета дека долготрајната употреба може да доведе до поголем ризик од несакани симптоми откако пациентите ќе престанат да ги користат: некои може да доживеат посериозни и долготрајни негативни ефекти, додека други може да престанат да ги користат лековите без проблеми.