По многубројните апели, Владата попладнево соопшти дека ги завршила потребните административни процедури за итна набавка на „трикафта“ и за најмногу 30 дена лекот ќе пристигне во земјава за најкритичните случаи. Во меѓувреме посебни тела работат на измени на законите со кои во иднина државата ќе може преку директни преговори со производителот да ја купува неопходната терапија и на тој начин да се избегнат долгите и комплицирани процедури за увоз.
„За оваа намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиони евра, а во соработка со сите релевантни институции во изминатите неколку дена беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот Трикафта за критичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.“
Битката на болните од цистична фиброза се интензивираше последните месеци преку неколку протести. Надлежните се активираа дури откако минатата недела почина 45-годишниот Благојче Илиевски од Битола кој ѝ подлегна на болеста чекајќи го лекот. Итната набавка на „трикафта“ ќе биде првично наменета за осум пациенти, иако проценките на Асоцијацијата за цистична фиброза се дека лекот им е потребен на 65 пациенти.