Постојаниот претставник на Руската Федерација во Обединетите нации, Василиј Небензја, денес изјави дека САД сè уште официјално не одговориле на предлогот на Москва во врска со Договорот за стратешко намалување на оружјето (СТАРТ).

„Според моите сознанија, сè уште нема ништо официјално од САД“, изјави Небензја пред новинарите, додавајќи дека Русија „очекува реакција“.

Тој објави на прес-конференција во седиштето на ОН дека Русија планира да го започне процесот на избор на нов генерален секретар на ОН за време на нејзиното претседателствување со Советот за безбедност во октомври. Небензја, исто така, рече дека неодамна се сретнал со новиот постојан претставник на САД во ОН, Мајк Волц, и рече дека разговорот бил конструктивен.

„Би било прерано да се изрази мислење за Мајк Волц, но ми се допадна разговорот. Мислам дека беше, можеби, премногу самоуверено од моја страна, но мислам дека чувството беше взаемно“, рече Небензја. Зборувајќи за меѓународните мерки, Небензја изјави дека санкциите на ОН против Русија „не се можни“.

Осврнувајќи се на најавите за можни нови американски санкции врз Москва, Небензја оцени дека би се очекувале нови мерки, со оглед на бројот на воведени досега.

„Не знам што ќе се случи со овие санкции, но веќе има толку многу што новите нема да ме изненадат“, рече Небензја.

Коментирајќи го пристапот на американскиот претседател Доналд Трамп кон украинското прашање, Небензја рече дека Трамп се стреми кон брзи решенија, но дека тоа не е применливо во сегашната ситуација.

„Претседателот Трамп е специфичен политичар кој сака брзи решенија, но во овој случај тоа не е можно“, рече рускиот претставник. Тој додаде дека Трамп повремено зборува за санкции за, според неговите зборови, „да ја загрее домашната публика“.

„Ова повремено се слуша во неговите изјави, но треба да се разбере дека тој има домашна публика на која се обраќа“, заклучи Небензја.