Ванеса Брајант, вдовицата на легендарниот НБА кошаркар Коби Брајант, жестоко ја критикуваше својата мајка, откако таа поведе судска постапка во обид да добие дел од семејното наследство, проценето на околу 600 милиони долари.

Во тужбата што на 48 страници ја поднесе до судот во Лос Анџелес, шеесетиосумгодишната Софија Урбиета Лејн бара финансиски надомест за својот долгогодишен ангажман како помошничка во домот на Брајант и грижата околу нивните деца, тврдејќи дека кошаркарот и ветил доживотно издржување

– За жал, ветувањето на Коби Брајант никогаш не го дочека светлото на денот, бидејќи тој почина, а Ванеса Брајант ги презеде сите чекори да ги избегне и поништи неговите ветувања, се наведува во тужбата поднесена од Лејн.

Отфрлајќи ја тужбата како неоснована и полна со лаги, нејзината ќерка издаде соопштение во кое наведува дека заедно со својот сопруг и дозволиле бесплатно да живее во една од нивните куќи и, притоа, не ја обесхрабрувале самата да се грижи за себе, пренесе весникот „Лос Анџелес Тајмс“.

-Беше баба, која на мое барање ја издржувавме јас и нејзиниот зет. Таа сега сака да ми наплати 96 долари на час, за 12-часовна работа на ден, во период од 18 години за грижа околу своите внуки. Вистината е дека таа само повремено ги чуваше моите постари ќерки, додека беа бебиња, наведе Ванеса Брајант.

Нејзиниот сопруг Коби Брајант и 13-годишната ќерка Дијана, загинаа во авионска несреќа на 26 јануари оваа година, заедно со уште седум други патници.

Финансиските експерти проценија дека Ванеса Брајант го наследила управувањето со семејниот имот проценет на околу 600 милиони долари.