Во третата Недела по Пасхата на нашиот Господ секогаш се сеќаваме како на Недела на Мироносиците – кога Црквата се сеќава на жените и мажите кои го згрижија телото Господово по Неговата смрт на Крстот.
Двајцата мажи на кои се сеќаваме се Јосиф и Никодим. Оние кои се наброени како Мироносици се: Марија и Марта од Витанија, Марија Магдалена, Марија – жената Клеопова, Саломија, Сузана и Јоана (а според некои извори и Марија, Мајката Божја). Некои од нив се меѓу првите сведоци на Воскресението Христово.
Тие се несомнено најбестрашни во нивната љубов и приврзаност кон Христа, додека сите останати се криеле. Ова е, исто така, одличен пример за тоа како Црквата го „чита“ Светото Писмо. Постојат воочливи факти во Писмото, од каде што можеме да собереме имиња и дела кои биле направени или постигнати. Тоа што нема да го најдеме таму се – теолошките коментари (барем не во овој дел од делото), или повеќе од чисти факти. Но, Црквата не се собира за да ги повторува самите основни факти: таа се собира за да богослужи.
Во неа богослужењето е афирмирано многу повеќе како полнота на верата – онака како што ни е дадена нам во Писмото – во учењето – во сето Предание. Црквата не запира на фактите, затоа што тие само посочуваат зад нив, кон вечната вистина – и токму оваа вечна Вистина Црквата ја проповеда. На овој начин, во Православното богослужење Христос речиси секогаш се спомнува заедно со Неговиот Отец и Светиот Дух, и на тој начин Црквата ја открива полнотата на Троичната вера. Ние не можеме да правиме ништо помалку. Не можеме да зборуваме за Крстот без истовремено да зборуваме за сето она што Крстот го постигнал . И на овој начин, кога се пеат химните во кои се воспеани Мироносиците, тие допираат до длабочините на богословието и опеваат за тоа што е Вистина тој ден, иако Мироносиците сеуште не го знаат тоа. Тоа е Црковното пеење во полнота. Оној „Чија полнота исполнува сè во сè“, како би можела Црквата поинаку да Го воспее?
„Јосиф, заедно со Никодима, од Дрвото Те симнаа Тебе, Кој во светлина како во одежди се облекуваш. Гледајќи го телото Твое – мртво, голо, незакопано, во жалост и благомилост, Те оплакуваше: „Тешко мене, најблаг Исусе! Пред малку, сонцето Те виде на Крстот како висиш, И во темнина се сокри. Земјата се стресе, од призорот исплашена . Завесата во Храмот на две се расцепи. Ете, сега Те гледам како волно на смртта заради нас ѝ се потчинуваш. Како ли да Те погребам, о мој Боже? Како ли во повој да Те прекријам? Како ли да Го допрам пречистото тело Твое со рацеве мои? Какви ли песни можам да испејам за Твоето заминување, о Милосрден? Твоите страсти ги величам, Твоето погребение го славам, и Твоето свето Воскресение, повикувајќи: „Господи, слава Ти!“
Отец Стефан Фримен
Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: https://pravoslavie.mk/nedela-na-mironosicite/ .