Предлог законот за недела неработен ден го помина комисискиот филтер во Собранието. Опозицијата со критики дека власта со ова си право само пи-ар и дека недела како неработен ден го има во колективните договори, но и дека ова е можно алиби за натамошно отпуштање на работниците.
„Колку во овие услови, ова работодавачите ќе успеат да го направат, колку Државниот инспекторат ќе може да придонесе во контролите или тоа ќе биде само алиби на работодавачите да ги отпуштаат работниците од работните места. Дилемата е дали во една ваква криза, во една ваква економска и здравствена криза носењето на ова предлог законско решение е во ред, дали не треба да се одложи за некое друго време“, рече Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата бараше за овој предлог закон да се одржи јавна расправа, но овој предлог не беше усвоен од мнозинството. Претходно и од Сојузот на синдикатите на Македонија реагираа дека не се поканети на седницата за да можат од име на работниците да ги пренесат ставовите за ова решение.
„Зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела треба да изнесува најмалку 100 проценти за секој час. Предлагаме при прекршување на законот за оние работодавачи кои ќе се осудат да работат во недела, а нема да бидат во исклучоците, забрана за вршење на работа да се донесува на целокупното работење а не во работниот простор каде е утврдена неправилноста“.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека ќе има засилени контроли на инспекциските служби но и високи казни кои се предвидени за прекршување на законот.
„На работодавачите не би им одговарало нивната компанија да биде затворена 15 работни дена, а притоа да имаат обврска согласно предложеното законско решение да ја исплаќаат платата на работниците кои што нема да работат поради преземената санкција, во износ од платата колку што ја зеле минатиот месец и не смее работодавачот да го намали бројот на вработени кои што работат во неговата компанија“, вели Шахпаска.
Со предложениот закон се предвидува недела да биде неработен ден освен за одредени дејности каде работниот процес не дозволува прекин на работниот процес. Во овие дејности предлог законот предвидува надомест на плата од 50 проценти од поминатото време на работата. За спроведување на овој закон буџетските импликации ќе изнесуваат околу 8.4 милиони евра на годишно ниво.