Дали штрајкот ќе биде повторно активиран тоа ќе зависи од резултати од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот. Се е отворено, сè уште не можам да дадам ветувања за една или друга опција, рече претседателот на СОНК
Претседателот на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК), Јаким Неделков, по денешната рунда преговори во Министерството за образование и наука (МОН) изјави дека генерално е постигнато усогласување на некои ставови, но не може уште сега да тврди дека ќе се постигне договор или, пак, дека штрајкот повторно ќе биде активиран.
Она што генерално е усогласено е околу колективниот договор, но и тоа треба да се допрецизира.
„Имавме средба, преговаравме буквално за сите прашања, усогласивме генерално некои ставови во однос на колективните договори и што се ќе има внатре, меѓутоа не се до крај прецизирани. Треба да бидат потпишани во периодот од 1 до 31 септември. Има некои технички проблеми поради кои мора да започне учебната година за да се реализираат тие одредби од колективниот. Околу зголемување на платите имаше дополнително некои наши предлози како и во кој процент да се зголемат платите. Сепак повторно се обраќаме до Министерство за финансии за анализа и проверка колку средства ќе бидат потребни и конечно околу нова методологија за изработка на плати во која ќе бидат вградени коефициенти на инфлација, пораст на минимална палта, итн. Приближно тоа се точките за кои разговараме, мора веќе да завршиме наредната недела каде јавноста ќе биде запознаена“, изјави Неделков.
Дали штрајкот ќе биде повторно активиран, додаде тој, тоа ќе зависи од резултати од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот. Сè е отворено, сè уште не можам да дадам ветувања за една или друга опција
На прашање од новинарите каков напредок конкретно има, Неделков рече дека се разговара за сите конкретни прашања и оти и тоа е некаков напредок со оглед дека повеќе нема ад хок отфрлање на нешто што е неприфатливо за двете страни.
„Се работи за нијанси за кои се разбира ние одиме од нашите интереси максимално, тие од аспект на нивните интереси. Меѓутоа не постои прашање за кое не се разговарало и кое не може да се реши“, рече претседателот на СОНК.
Неделков и претставници на синдикатот вчера беа на преговори и во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во однос на условите и платите за вработените во градинките и како што најавија следната недела, на 17 мај, повторно ќе седнат на преговарачка маса.