Советникот на ДУИ во охридскиот Совет и познат бизнисмен, Нефи Усеини и неговиот брат Ибро, добија ослободителна пресуда за насилството врз нивниот сограѓанин Спиро Топаловски, што се случи пред 2 години пред еден охридски хотел, пренесува Телма.

Судијката Билјана Белевска Пројковска, во пресудата наведува дека е неспорно оти двајцата браќа го нападнале Топаловски и му нанеле повреди, што е потврдено и со лекарски прегледи и со снимки од видео надзорот, сепак, поради контрадикторните изјави на Топаловски, судот не утврдил дека тој е оштетен.

И сведоците кои биле присутни пред судот кажале дека ништо не виделе.

„Во текот на главната расправа, манифестираше однесување со кое настојува да им помогне на обвинетите да ја намалат или избегнат кривичната одговорност. Така, овој сведок кој иако има својство на оштетен, пред судот категорички изјави дека не се чувствува за оштетен, нема интерес за кривично гонење на обвинетите, не истакнува оштетно побарување, па судот ја прифати неговата слободна диспозиција, заради што практично во оваа постапка од формално процесен аспект нема оштетен субјект“ – се наведува во пресудата на Основниот суд во Охрид.

Во пресудата е опишан целиот настан што се случи во август 2020 година кога по претходен договор Нефи Усеини се сретнал пред хотелот со Спиро Топаловски.

Потоа дошол и неговиот брат Ибро, по што физички го нападнале и го удирале со боксови и како што се наведува во пресудата, со предмет во облик на пиштол.

По овој инцидент на браќата им беше одреден притвор од 8 дена, а потоа беа пуштени да се бранат од слобода со гаранција од 850 илјади евра.

„Судот цени дека јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле кривичното дело за кое се товарат, заради што следуваше истите да бидат ослободени од обвинение“ – се наведува во пресудата.

Додека траеше судскиот процес во кој оштетениот и сведоците ги менуваа исказите, Нефи Усеини можеше често да се види во друшвто на негови сопартици, инаку високи функционери.

Но, исто така, во неколку наврати медиумите извесуваа и за други физички пресметки на советникот и бизнисмен од Охрид.

Последниот физички напад врз 56 годишен охриѓанец се случи пред неколку дена, а настанот беше заведен и во дневниот полициски билтен.

За две дивоградби на Усеини во Охрид, обвинителството води постапка, се вели во прилогот на Телма.