На 25 и 26 април, Белград беше домаќин на престижниот меѓународен натпревар Angel Voice Belgrade 2025, на кој учествуваа над 120 млади уметници од целиот свет. Со голема гордост, Македонија беше претставена од тројца талентирани млади пејачи: Нела Манческа, Мартина Трпчевска и Михаела Стојановска, ученици на професорката по соло пеење Александра Коцевска.

Тие не само што го покажаа својот голем талент, туку и освоија извонредни награди, докажувајќи дека Македонија има млади уметници со светски потенцијал.

Во индивидуалните категории, Нела Манчевска (13 години) беше прогласена за апсолутен победник во категоријата мјузикл.

Мартина Трпчевска (9 години) освои прво место и златен медал во категоријата мјузикл до 10 години.

Михаела Стојановска (15) години, го освои второто место во својата категоријата ПОП пеење што е доказ за нејзиниот талент и труд.

Нела и Мартина освоија прва награда и златен медал во категоријата „Дует“, настапувајќи со емотивната песна „За овој свет“ од Тоше Проески. За време на нивниот настап на натпреварот во чест на Тоше Проески, салата беше исполнета со толку многу љубов, што  зрачеше од душата и срцето на овие две музички ѕвезди. Нела и Мартина, со своите ангелски гласови, ја маѓепсаа публиката и создадоа момент на чиста емоција кој ќе остане запаметен во срцата на сите присутни.

Настапот беше повеќе од музика – беше вистински момент на совршен фитбек, на емоционална врска помеѓу артистите и публиката, полн со суптилни чувства што не можеа да се сокријат. Публиката не можеше да ги задржи своите солзи додека слушаше како двете млади талентирани девојчиња, Нела и Мартина, го спојуваат своето музичко и уметничко мајсторство и емоционална искреност во еден незаборавен настап. Секој тон што го испеаја, секоја нота што ја допреа, беше како поздрав од ангелите, создавајќи атмосфера која ја наведе публиката да ги изрази своите емоции.

Нема сомнение дека ова беше еден од најдобрите моменти на целиот настан, кој ја потврди вербата дека музиката е најмоќниот јазик за поврзување и за докажување на вистинската љубов и посветеност.

Нела и Мартина не само што ги освоија срцата на публиката, туку оставија траен печат во душата на секој што беше дел од овој емотивен момент.

На натпреварот учествуваа млади уметници од различни земји, а нивниот вокален потенцијал, сигурност на сцена и искрена интерпретација беа високо оценети од меѓународното жири, составено од врвни музички експерти.

Овој успех на нашите таленти е уште еден доказ за високото ниво на музичко образование во Македонија и потенцијалот на младите уметници, кои ќе продолжат да ги освојуваат срцата на љубителите на музиката низ светот. Доказ за квалитетот и високото ниво на натпреварот Angel Voice Belgrade 2025 е и победничката на целиот фестивал, одличен млад талент со над 10 годишно искуство од Кипар. Честитки за Нела, Мартина и Михаела!

Фото: Приватна архива