Родителите кои се против замената на хартиени учебници со дигитални, ги претставија нивните барања но велат дека претставниците од МОН не се компетентни да одговорат на истите. Изреволтирани се бидејќи министерката Мила Царовска не присуствувала на состанокот, па дадоа ултиматум- ќе го стават бојкотот на наставата оваа недела во мирување, но во понеделник очекуваат нова средба. Доколку не се најде заеднички јазик, ќе протестираат, известува ТВ 24.
Бојкотот на наставата во дел од средните и основните училишта трае веќе една недела, а родителите постојано алармира на притисоци кои ги добиваа учениците за да се вратат на настава, од страна на училиштата. Од детската амбасада Меѓаши велат дека примиле голем број поплаки за притисок и уцени врз средношколците, кои го искажувале своето незадоволство од образовните реформи.
– Наместо да ги казнуваме треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето (не)задоволство од решенијата на Министерството за образование и наука, простор во кој ќе бидат слушнати. – велат од Детска амбасада Меѓаши.
Од МОН се децидни-промените во основното образование ќе се случат, дигитализацијата ќе започне од следната учебна година.
– Дигитализацијата е глобален процес кој нема и не треба да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме,туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои треба да се интегрираат во системот. – велат од МОН.
Дигитализацијата на учебниците треба да започне следната учебна година, за учениците од четврто одделение, а потоа етапно да се воведува и во погорните одделенија.