Работната група за енергетика помеѓу македонските и бугарските власти денеска не ја договори цената по која Бугарија ќе продава струја во Македонија во текот на следниве месеци. Според информациите до кои дојде Алсат, на состанок во Софија денеска биле раководните лица на државните енергетски компании и советниците на владата задолжени за енергетика, но не и претставници на повисоко ниво како министри или премиери. Турбуленциите на цените на енергенсите кои секојдневно се случуваат на берзите се дел од причините што засега нема конкретна цена по која ќе биде испорачана струјата од Бугарија во земјава. Од владата ни соопштија дека во текот на следниот период ќе има уште неколку средби на оваа работна група.
Вчера надлежните најавија дека на 28 септември Владата ќе го објави пакетот на антикризни мерки за компаниите погодени од енергетската криза.
„Електричната енергија којашто се договара во Софија првично беше наменета за приватниот сектор, но по информациите дека повеќе од 90 јавни комунални претпријатија се пред банкрот, од Владата веќе размислуваат дел од таа електрична енергија да ја користат и овие компании коишто се под државна капа. Единствено за малите фирми кои се на регулираниот пазар ќе нема електрична енергија којашто ќе дојде од Бугарија“, известува Иле Петревски, новинар.
Главната цел на набавката на струја од Бугарија, каде половина од струјата доаѓа од согорување јаглен, а околу 35% од атомската централа Козлодуј е да се обезбеди поевтина електрична енергија за нашите потреби од берзанските цени. Тие во последниов период достигнаа и 800 евра за мегават час. Надлежните најавуваат зголемено производство на струја од домашните електрани за над 25 отсто повеќе од истиот период лани, но под услов да работат сите капацитети и во случај да нема хаварија или друг дефект во погоните, пред сè во РЕК Битола.