Сојузот на синдикати, Владата и работодавачите и по три часа не успеаја да ги испеглаат разликите околу зголемувањето на минималната плата, затоа што работодавачите излегоа со нови предлози.
Во средба за која Битиќи, согласно пропагандниот стил на Владата, рече дека била каква што немало во историјата на Македонија, договор не е постигнат.
Трите страни во економско-социјалниот дијалог се согласуваат дека е потребно зголемување на минималната плата, но колкаво никој за сега не кажува.
Синдикалците се револтирани затоа што работодавачите во „пет до 12“ излегле со барање да се смени методологијата за пресметка на минималната плaта.
Работодавачите одбија да го кажат износот, тврдejќи дека за висината на минималната плата немаат сопствени пресметки, туку ја чекаат Владата да направи пресметка врз основа на нивните предлози. Но, од синдикатите веднаш ја направија пресметката, а тоа е износ од 16.242 денари.
Нова средба е закажана за петок, во 16 часот, на која сите три страни се надеваат дека ќе бидат испеглани разликите.