Телото на 19-годишниот Мемет Камбер, кој почина минатата недела во болница без никакви лични документи, сѐ уште е во капелата во Бутел, објави ТВ Телма.

Поради тоа што Мемет немал никаков документ за идентифијкација, телото не може да биде предадено. Единствен начин за да се потврди дека роднините навистина биле крвно поврзани со него, што е предуслов да им биде предадено телото, е најблиските роднини кои живееле со момчето да направат ДНК-анализа, на чии резултати сега чекаат.

Прерано прекинатата животна приказна на Мемет, колпортер на списанието „Лице в лице“, деновиве ја потресе македонската јавност и предизвика дебата за промена на законските решенија со кои конечно нема да има луѓе без документи, кои не можат да ги остварат основните граѓански права.

Мајката на Мемет го напуштила, по што живеел во семејството на вујкото, а не му давале лична карта затоа што немал имотен лист за куќата во која живеел, а била дивоградба. Тој имал тешки здравствени проблеми кои постојано се влошувале, но не можел да се лекува, бидејќи немал ниту пари, ниту документи. Лекарите кои го примија пред да почине, изјавија дека најверојатно никогаш не примил никаков третман за здравствената состојба од која починал.

За потсетување, оваа гарнитура на власт дојде со неколку познати популистисчки пароли против „режимот на Груевски“, од кои една од најексплоатираните беше „нема правда, нема мир“.