Традиционалната манифестација “Првоаприлска шега” што Општина Крива Паланка ја организира по повод денот на шегата,1 април, ќе биде одложена поради најавени неповолни временски услови, информира службата за комуникација со јавноста на општината, посочувајќи дека одлагањето е направено во интерес на здравјето и безбедноста на најмладите учесници.
-Културно-забавната манифестација „Првоаприлска шега“ ќе се одржи на 7 април 2026 година, вторник, со истата програма и предвидени активности. Дефилето под маски ќе започне во 11 часот од просторот кај автобуската станица, ќе се движи по главната улица „Св. Јоаким Осоговски“ сѐ до градскиот плоштад, каде од 12 часот ќе продолжи главната програма, на која е предвидено ревијално претставување на маските, избор на најуспешни групни маски и креации, како и културно-забавна содржина. Присутните ќе имаат можност да уживаат во музички настап и забава со Ди-џеј Боно, стои во соопштението.
На настанот ќе учествуваат ученици од ООУ „Св.Јоаким Крчовски“ и ООУ „Илинден“ со подрачните училишта, како и дечињата од детската градинка „Детелинка“, кои ќе се претстават со своите креативни маски, информира Сања Станковска, одговорно лице за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
Од општината им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и ги покануваат да бидат дел од настанот во најавениот нов термин.
Фото: Архива




